Изминатата година беше преполна со предизвици за сите и година која го промени начинот на работа, а воедно ја ограничи можноста за вмрежување на главните чинители. Со цел подобро запознавање на соработниците, партнерите и истакнатите претставници од различни сектори на енергетиката, но и со олеснување на КОВИД-19 мерките, не сакавме да ја пропуштиме можноста да организираме настан каде учесниците ќе може од прва рака да разменат искуства и ќе се запознаат со она што е најактуелно во областа на одржливо греење и ладење.
SDEWES-Скопје на 25-ти јуни 2021 во хотелот Александар Палас во Скопје го покани истакнатиот експерт и професор на Машинскиот факултет од Загреб, Хрватска, проф. д-р Невен Дуиќ да ја истакне потребата од декарбонизација на топлинскиот сектор на национално ниво фокусирајќи се и на регионот кој е дел од проектот REPLACE. На овој настан присуствуваа повеќе од 30 клучни чинители, претставувајќи ги КАГоП регионот, Министерството за економија, Министерството за животна средина, Град Скопје, Агенцијата за енергетика, УНДП, МАНУ, ФЕИТ, БЕГ МЕПСО, ЕБРД, како и невладините организации и компании во областа на греење и ладење од обновливи извори на енергија.
Проф. д-р Дуиќ зборуваше за релевантите можности за замена на неефикасните системи за греење и ладење во КАГоП регионот притоа истакнувајќи слични добри практики кои веќе постојат во Европа. Настанот беше проследен со успешна дискусија која ќе продолжи на вториот дел, односно online со што овој настан би се комплетирал како хибриден се со цел што повеќе заинтересирани да дознаат за проектот REPLACE и да се мотивираат за можни ефикасни замени на системи за греење и ладење.