Енергетски Самит

На 17.5.2021, македонската секција за Меѓународниот центар за енергетски, водни и околински системи (SDEWES-Skopje)во соработка со Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) го организираа Енергетскиот самит преку ZOOMплатформата. Настанот беше проследен од 48 чинители, претставници од општините низ целата држава, од невладиниот сектор, експерти итн. Низ размена на знаења и дијалог меѓу клучни чинители, целта на Енергетскиот самит беше да го поттикне развојот на политичка волја за делување во насока на Европскиот зелен договор преку имплементација на нови проекти за одржливо греење и ладење.

Во таа смисла, учесниците беа информирани за новата европска регулатива и нејзиното влијание врз националното законодавство и имаа можност  да дискутираат за предизвиците и полињата за соработка на ЕЛС со носителите на политики, компаниите и сите други чинители. За време на настанот беа споделени клучните предизвици со коишто се соочува светот од аспект на енергетската транзиција, давајќи осврт на нивните рефлексии врз локалните самоуправи. Потоа, беа претставени и синергиите на Европскиот зелен договор и транзицијата кон одржливо греење и ладење.

Од голема важност за настанот беше да развие дискусија околу предизвиците со коишто се соочуваат локалните самоуправи при реализација на проекти за одржливо греење и ладење. Во таа смисла беа споделени и дел од искуствата на општините кои се дел од проектот REPLACE во изминатите години, со нагласување на потребата од градење на човечки капацитети, развој на локални меѓународни партнерства и контакт со граѓаните. На крајот беше презентирана и ГИС алатка со помош на којашто може да се одредува топлинскиот конзум на општинско ниво. Резултатите од ваквите анализи се важна основа за планирање на одржливо греење и ладење и за носење на одлуки врз база на технички анализи во локалните самоуправи.

Настанот заврши со плодна дискусија во која беа споделени предизвиците со коишто се соочуваат локалните самоуправи, но и добрите практики со цел да се забрза транзицијата кон одржливо греење и ладење. 

Cookie Consent with Real Cookie Banner